Попова Шапка ќе го враќа сјајот преку стратешко партнерство
Скијачкиот центар Попова Шапка ќе го враќа сјајот преку стратешко партнерство. Како што објави Владата, проекциите се инвеститорот да вложи 186 милиони евра. Познавачите на приликите ги поздравија амбициозните проекти, но моделот според нив, треба да предвиди квалитетна организација на центарот, во која ќе бидат вклучени и локалната и централната власт…

Инвестицијата предвидува изградба на два нови хотели, нови ски патеки, паркинг места и пристапни патишта, како и инвестицијата на инсталација на вештачки снег.
Скијачката инфраструктура е основата за развој на центарот, но без грижа за урбанизмот, патната инфраструктура како и комуналиите, центарот не може да оди напред, велат експертите.
За развој на Попова Шапка потребна е квалитетна организација, координирана од централните и локалните власти.
Во следниот период ќе има дообјаснување на договорот на стратешкиот партнер и Владата, а потоа сето ова треба да помине во Собранието, изјавија од скијачкиот центар, од каде најавија почеток на ски сезоната од наредниот месец.
Инвестицијата како што објави Владата, треба да се реализира почнувајќи од 2023 година во шест фази, од кои првата изнесува приближно 55 милиони евра.
Се работи за италијанската компанија „Техно Алпин“ позната во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, и дизајн на скијачки терени со 30 годишно искуство.
Зоран Димовски
