Украина

Почна евакуацијата од Херсон

26.11.2022 13:16

Почна евакуацијата на жителите во Херсон. Во Киев околу шест милиони граѓани сè уште се без струја и греење и покрај ниските температури. Зеленски ги обвинува локалните власти дека не сториле доволно за обезбедување засолништа…

Украинските власти ги евакуираат жителите од Херсон. Инфраструктурата е уништена. На граѓаните им е препорачано привремено да го напуштат градот. Голем број луѓе се повредени во гранатирањата врз станбени и деловни објекти. Нападите продолжуваат низ неколку градови.

„Посакувам да престанат да пукаат.“

„Ги мразам Русите. Ми ги зедоа најскапоцените луѓе во животот. Тоа се моите родители. Имам син и за него мора да живеам“, велат жители на Херсон.

Шефот на руската дипломатија предупреди за украинскиот бран бегалци, споредувајќи го со миграцијата за време на арапската пролет.

„Европа, до одреден степен, делува и како автор на сегашната ситуација. Се надевам дека по искуството со „Арапската Пролет“ сегашниот украински бран во Европската унија ќе биде сфатен како тема за размислување“изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Шест милиони украинци и натаму се без електрична енергија. Се обновува мрежата. Украинскиот претседател ги критикуваше властите во Киев дека не прават доволно за да обезбедат итни засолништа за жителите.

„Точките на непобедливост се распоредени низ целата земја. За жал, не во сите градови локалната самоуправа направи добра работа. Особено, има многу поплаки во Киев. На жителите на Киев им треба поголема заштита“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.

И покрај обвинувањата, од Москва велат дека напаѓаат само воена инфраструктура, а Киев може да го прекине страдањето на својот народ ако ги исполни руските барања.

Маријана Димовска