Европа

Квалитетот на водата во Холандија заостанува зад европските стандарди поради загадувањето со азот

26.11.2022 17:18

Холандија се соочува со азотна криза поради загаденоста на водата. Фармите и компаниите коишто користат азотни ѓубрива ќе мора да го запрат производството до идната пролет, во спротивно земјата, ќе се соочи со санкции од ЕУ поради нарушување на европските директиви…

Квалитетот на водата во Холандија заостанува зад европските стандарди поради загадувањето со азот преку земјоделските ѓубрива и премногу хемиски супстанции и лекови во водата. Холандската влада планира главните загадувачи коишто предизвикуваат азотни врнежи, фармите и компаниите доброволно да го забават своето производство, или да преминат на поодржливи начини на работа. Земјоделците во близина на заштитените региони или над 2.000 компании ќе добијат еднократна понуда да прекинат со производство и да бидат откупени од државата. Целта сето ова да се реализира до април идната година.

„Веруваме дека со оваа регулатива можеме да ја завршиме загадувањето. Но, доколку е потребно, треба да го погледнете и задолжителниот сет на инструменти. За ова ќе разговараме со земјоделците следната година“, изјави премиерот на Холандија, Марк Руте.

Договорите за забрзана одржливост се склучуваат со педесетте најголеми емитери на азот во индустријата, а се заоструваат и нивните дозволи. На располагање се 226,6 милиони евра за земјоделците кои сакаат брзо да станат поодржливи.

„Две до три илјади фармери навистина ќе треба да го направат својот доброволен избор во 2023 година, при што ако тоа не даде доволно резултати на крајот на годината, ќе се префрлиме на задолжителниот сет на инструменти“, вели Кристијан Ван дер Вал, министер за екологија.

„Довербата секако не е обновена, довербата во нашата влада е сè уште ниска во врска со ова прашање. Треба да се направи многу повеќе за да се врати таа доверба“, додава Сјаак Ван дер Так, претседател на земјоделската организација ЛТО.

Според Европската рамковна директива за води, сите подземни и површински води во Европа мора да бидат со добар квалитет до 2027 година.

Ирина Гелевска