Новини во платежната сфера од 1-ви јануари
Примената на новата правна рамка се очекува да ја засили конкуренцијата на пазарот на платежни услуги со тоа што ќе овозможи влез на нови даватели на платежни услуги кои ќе треба да добијат соодветна дозвола од Народната банка.

Советот на Народната банка усвои сет подзаконски акти со кои се операционализира новата правна рамка во платежната сфера која ја поставува Законот за платежни услуги и платни системи, чија примена ќе започне од први јануари наредната година.
Примената на новата правна рамка се очекува да ја засили конкуренцијата на пазарот на платежни услуги со тоа што ќе овозможи влез на нови даватели на платежни услуги кои ќе треба да добијат соодветна дозвола од Народната банка.
Од почетокот на следната година, покрај банките платежни услуги ќе може да даваат и платежни институции, штедилниците, како и институции за електронски пари. Новото конкурентно окружување се очекува да ги мотивира постојните и новите даватели на платежни услуги и оператори на платни системи да им понудат на клиентите иновативни решенија за извршување на побрзи, поудобни и поевтини плаќања.
За извршување на платежните трансакции, граѓаните и бизнисите ќе можат да отвораат сметки кај платежни институции и институции за електронски пари. Новата регулатива ќе овозможи и поголема заштита на правата на корисниците на платежни услуги, а особено на физичките лица кои се потрошувачи.
