Јадранот кошаркарски се шири и на исток

Левски Софија нов член на АБА Лигата

27.04.2014 18:19

Бугарската екипа Левски од Софија во наредните три сезони ќе биде член на регионалната кошаркарска АБА Лига, на местото на унгарски Солнок којшто се откажа од учеството...

На неколку часа пред финалето на „фајнал фор“ турнирот на годинашната АБА Лига во Белград, ова го најави генералниот менаџер на лигата Роман Лисац. Тој дополни дека Левски ќе се приклучи ако ги исполни сите обврски од договорот којшто бил планиран за три сезони. Покрај софиската екипа, во конкуренција за испразнетото место беа уште и романскиот тим Асесофт и австриски Капфенберг.

Левски, којшто последен пат беше првак на Бугарија во далечната 2001 а има 17 титули државен првак, попладнево во Приштина ја освои круната во годинашната БИБЛ Лига. Во финалето на турнирот на четирите најдобри тима го совлада шампионот од последниве две сезони, израелски Хапоел Галил Гилбоа со 75-69.

Куриозитет е што од неодамна претседател на Левски е поранешниот претседател на Кошаркарската Федерација на Македонија и сопственик на шампионот од 2001 Николферт, Леонид Гајдаџиев.

За наредната сезона челниците на АБА Лигата најавуваат и можни промени во завршницата од системот за натпреварување со укинување на „фајнал-фор“ турнирот и со воведување плеј-оф. Лисац рече дека ќе се обидат да направат се што е во нивна моќ завршницата да биде што е можно поправедна, со плеј-оф, но оти  таквиот календар ќе мора да го договорат со сите клубови и со нивните сојузи.

Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром наесен ќе ја почне третата сезона откако е дел од кошаркарската конкуренција, којашто од година в година станува се помалку јадранска, како што и беше оригиналниот назив.

Вечер во Белград ќе биде промовиран новиот лауреат во АБА Лигата, по финалето меѓу хрватските екипи Цибона и Цедевита.