Чести дефекти на новиот тетовски водовод
Новиот тетовски водовод пуштен во употреба пред две години, ретко се користи. Кај системот се јавуваат чести дефекти, или пак водата е заматена. Се работи за отворен систем, затоа истиот не може да се употребува во текот на цела година, велат од ЈКП Тетово. Експертите пак сметаат дека има решение …

Неделава тетовци со вода за пиење се снабдуваа само од стариот водовод, новиот не беше во функција, оти водата беше заматена, по обилните врнежи од дожд. Вообичаено е велат од ЈКП Тетово, после секои пообилни врнежи да има заматување, оти се работи за систем, кој се снабдува со вода од површински води.
Засега не се планира надминување на проблемот. Решение има, но потребна е волја и пред сè финансии.
Доктор Давидовски, вели дека има решение и за променетиот вкус и мирис на водата во есенскиот период, кој настанува како резултат на гниење на лисјата во Лешничка река, чија вода ја користи новиот водовод.
Новиот водовод се соочува и со постојани дефекти, оти се наоѓа на планински стрмен терен.
Од Општина Тетово, велат дека изминативе месеци превентивно интервенирале. Уверуваат дека водоснабдувачкиот систем, зимава ќе биде во добра кондиција.
Зоран Димовски
