Воен конфликт

Се стабилизира снабдувањето со електрична енергија во Украина

27.11.2022 16:23

Во Украина се стабилизира снабдувањето со електрична енергија, но сè уште има рестрикции за штедење во случај на зголемена потрошувачка. Москва и Киев разменија воени заробеници.

Снабдувањето со електрична и топлинска енергија и со вода во украинската престолнина речиси се враќа во нормала. Илјадници украински домаќинства и натаму се засегнати, поради воведените рестрикции низ целата држава. Во Киев се очекува обилен снег и температури под нулата.

„Нашите енергетски инженери продолжија со обновувањето на системот и сега имаме повеќе можности за производство и снабдување со електрична енергија. Но, за жал, недоволно за да биде целосно стабилно. Ако потрошувачката се зголеми во вечерните часови, бројот на прекини може да се зголеми. Ова уште еднаш покажува колку е важно сега да се заштеди струја и рационално да се троши“, изјави претседателот Зеленски.

Продолжи размената на затвореници меѓу Москва и Киев. Ослободени се девет руски војници, а од руско заробеништво се ослободени 12 лица, меѓу кои и тројца цивили кои се водат за исчезнати.

„Тие нè префрлија во Курск, оттаму во регионот Белгород, каде што порано нè носеа на колена на снегот на температура од 22 степени под нулата“, вели поранешен украински заробеник.

И покрај војната во Украина, железничката мрежа на земјата преживеа и обезбедува животна линија за луѓето кои се обидуваат да ја напуштат земјата и оние што остануваат. Војската ги разнесе линиите за да спречи мрежата да се користи од руските трупи – но прекуграничните линии продолжија во Полска, Унгарија и Словачка.

„Ниту еден напад не е способен да не запре. Продолжуваме да работиме, продолжуваме да ја поврзуваме земјата. Значи, од сега имаме само 10 возови од 100 плус возови на долги релации“, вели Олександр Перцовски, главен извршен директор на украинските железници.

Украина на 90-годишнината од големиот глад испрати 60 бродови со жито за најсиромашните држави. Илјадници камиони чекаат на граница на Романија со Украина. Поради отежнатото снабдување со струја, се чека за царински проверки.

Ирина Гелевска