Расте цената на тутунот, откупот стартува со над 30% повисока цена
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачески, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Прилеп имаа средба со дел од земјоделците производители на тутун и го посетија откупниот пункт за тутун во рамки на Тутунскиот комбинат во Прилеп...
Премиерот Ковачески, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска во Прилеп имаа средба со дел од земјоделците производители на тутун и го посетија откупниот пункт за тутун во рамки на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Согласно податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, оваа година како што изјави премиерот Ковачевски, откупот на тутунот започнува со зголемена откупна цена над 30% споредено со минатата година. Пораст има и во делот на склучени договори за откуп и планирани количини за откуп на тутун.
„Денеска оттука, од Прилеп, од најголемиот центар за производство на тутун, го означуваме почетокот на откупот на тутунот од реколтата 2022 година.
Денешниот ден го започнав со средба со луѓето кои се најважни во оваа наша традиционална земјоделска гранка – со тутунопроизводителите. Имав можност да разговарам со дел од нив од прилепскиот регион за годинешната реколта, за откупната цена, за владините мерки но и за нивните предлози за понатамошен развој на производството на тутун во овој регион.
Според официјалните податоци од Државниот инспекторат за земјоделство, со задоволство можам да кажам, дека оваа година откупот на тутун започнува со позитивни податоци: повисока откупна цена, повеќе склучени договори, поголемо планирано количество за откуп, подобар квалитет на тутунот.
Годинава откупот на тутунот стартува со над 30% повисока цена споредено со лани. Односно откупната цена за килограм тутун е 261 денари, за разлика од лани кога била 200 денари за килограм. Ова се историски највисоки откупни цени за тутунот во последните 10 години! Ќе кажам еден податок што ја потврдува мојата констатација – а тоа е дека од 2014 година до денес откупната цена на тутунот е зголемена за 115,7%.
Пораст има и кај бројот на склучени договори. За реколта 2022 година склучени се 29.653 договори што е за 7% повеќе од минатата година кога биле склучени 27.712 договори. Оваа година се очекува да се откупи околу 21.000 тони тутун што е за над 10% повеќе од лани кога се откупиле 18.600 тутун. Имаме тутун со подобар квалитет во однос на минатата година.
Овие стартни податоци ветуваат успешен откуп на тутунот, што крајно значи бенефит и за државата и за тутунопроизводителите да продолжат да вложуваат во производството, да придонесуваат за развојот на оваа земјоделска гранка.
Тутунот е наша традиционална но и извозно ориентирана земјоделска гранка која носи годишен девизен прилив од над 120 милиони евра. Околу 20.000 семејства егзистираат од оваа гранка, и затоа секоја преземена мерка е во интерес на тутунопроизводителите, да имаат стабилно и одржливо производство.
Продолжуваме со истото темпо за развој на земјоделството и понатаму. Северна Македонија има ресурси, има плодна почва, идеална клима, вредни земјоделци, затоа и ќе продолжиме со владините мерки, да дадеме поддршка и земјоделството да е двигател на македонската економија“, рече Ковачевски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека откупот на тутунот тече во најдобар ред и дека оваа година е постигната рекордно највисока откупна цена на тутунот, 261 денари по килограм.
