Сцена

Ред смеа, ред солзи на концертот на единствената македонска дива – Калиопи

28.11.2022 15:40

Македонската дива прецизно, концизно и сликовито ја опиша концертната вечер со зборовите: „Ред смеа, ред солзи“ и токму така и беше. Публиката пееше во еден глас на безвременските македонски хитови како „Месечина“, „Ако денот ми е ноќ“, „Најмила“, „Дали ме сакаш“, како и темите со кои постигна регионален успех „Вучица“ и „Мелем“, а за бисот Калиопи ја одбра најмоќната балада „Бато“ и евровизискиот хит „Црно и бело“.

26-ти ноември ќе биде запишан во македонската музички историја како денот кога Калиопи и се врати на македонката публика. По седумгодишно отсуство од македонската сцена, извонредната вокалистка приреди ноќ за паметење.

Концертот се случи во театарот Јордан Хаџи Константинов- Џинот во Велес, театар кој располага со најсовремена аудио-сценска опрема во земјата, и тоа се докажа со визуелната изведба на музичкиот перформанс под режисерската палка на реномираниот Дејан Пројковски.

Македонската дива прецизно, концизно и сликовито ја опиша концертната вечер со зборовите: „Ред смеа, ред солзи“ и токму така и беше. Публиката пееше во еден глас на безвременските македонски хитови како „Месечина“, „Ако денот ми е ноќ“, „Најмила“, „Дали ме сакаш“, како и темите со кои постигна регионален успех  „Вучица“ и „Мелем“, а за бисот Калиопи ја одбра најмоќната балада „Бато“ и евровизискиот хит „Црно и бело“.

Сосема заслужено и по терк на светски истакнатите изведувачи, Калиопи и го претстави и својот бенд на публиката преку т.н jam, односно импровизација на тема во која секој член отвири соло партија. Мартин Јосифовски на бас, Танче Гроздановски на гитара, Дино Милосавлјевиќ на тапани, Александар Никодиновски на клавијатури и Маја Саздановска и Јулија Огненовска како придружни вокали – за Калиопи ова е музичката армија, најголема поддршка и како што вели – нејзиното музичко семејство.

Калиопи не потсети дека Македонија е родно место на еден уникатен талент и вокален капацитет со светски потенцијал и докажа дека целосно ја има задржано вокално-физичката кондиција што се гледаше и слушаше, а кај посетителите предизвика речиси метафизичко искуство.

Во сето музичко уживање кое беше и очекувано, сепак она што остави најсилен впечаток беше исклучително ретката умешност на македонската дива да се поврзе со својата публика и да допре до срцата на сите во салата.