Блокадата времено отстранета, превозниците бараат до петок да се исплатат средствата
Приватните автобуски превозници незадоволни од неплатениот градски долг од речиси два милиони евра, ја блокираа крстосницата кај Мавровка. Ова прашање се најде и на советничките прашања на Град Скопје, состанок имаше и во Јавното сообраќајно претпријатие. Долгот не е намирен, превозниците понудија последна можност до петок, во спротивно следува целосна парализа на метрополата…

Приватните превозници одлучија да ја одблокираат крстосницата, онаму каде што цел ден останаа поради неисплатени долгови од страна на Град Скопје. Имаат трпение до петок. Доколку дотогаш не им бидат исплатени средствата кои им се должат, тие најавија дека ќе блокираат повеќе клучни крстосници во Скопје.
Автомобилските гумите минаа низ досега затворените коловози, градоначалничката доби рок и услов.
„Треба да се обезбедат средства за да може да продолжи вршењето на јавниот превоз. Доколку градоначалничката има идеја поинаку да го организира превозот, нека ги преземе потребните процедури и нека распише јавен оглас. Во меѓувреме, Градот Скопје мора да функционира. Но, ако до петок не се исплатат средствата, превозниците најавуваат тотална блокада. Ние како приватни превозници уште еднаш ќе покажеме дека имаме разбирање за државните интереси, иако не може да ни се оспори правото на протест, да бидеме присутни тука. Приватните превозници се сложија сега да ги повлечат автобусите“, изјави Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Скопје помина тежок понеделник откако една од главните крстосници беше блокирана со неколку автобуси од приватните превозници. Додека граѓаните залудно чекаа на студените автобуски постојки, а други нервозно беа заглавени низ улиците на главниот град, во градското собрание течеше дебата за докажување, но не и за слушање на проблемите и изнаоѓање решение.
Градоначалничката Арсовска и првиот човек на ЈСП, Стојковски оценија-долгот кој ЈСП го има кон приватните превозници е тековно побарување и доколку сметале дека им се пробиени роковите можеле да поднесат тужба.
Арсовска го поддржува правото на протест. Сепак, со одлуката приватните автобуски превозници да блокираат улици, како што рече, штета најмногу трпат граѓаните.
Попладнево беа на средба во ЈСП, договор нема-вели претставникот на превозниците.
Приватните превозници остануваат на ставот дека до крајот на неделата нема да возат, но в петок ќе го парализираат Скопје целосно.
Катерина Топалова
