Охрид

Охрид ќе биде украсен за Нова година

29.11.2022 14:09

И покрај енергетската криза Охрид за нова година ќе биде украсен и на градскиот плоштад ќе се одржи традиционалната новогодишна забава. Ова го најави градоначалникот, Кирил Пецаков при што посочи дека се работи за туристички центар во кој ќе допатуваат гости и дека нема да ги почитуваат мерките на Владата за штедење на електрична енергија...

Мерките на Владата за штедење на струја поради енергетската криза општина Охрид нема да ги почитува во текот на новогодишните празници. Како и секогаш нашиот најголем туристички центар ќе биде украсен, а на градскиот плоштад ќе се одржи традиционалната новогодишна забава при што туристите и охриѓани во убава атмосфера ќе ја дочекаат Новата година. Осветлувањето на украсите нема да има финансиски импликации врз општинскиот буџет затоа што општината има договор за јавно-приватно партнерство за градското осветлување и приватната фирма врши набавка на електричната енергија.

„Охрид е туристички центар, јас се надевам дека нивните одлуки што ги носат и коишто ги менуваат од денес за вечер,неповрзано со енергетската криза ќе почнат тие да ги почитуваат. А, пак ќе кажам дека Охрид е туристички центар којшто ќе го посетат огромен број на туристи и секако нема да трпи“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Дел од хотелиерите за Нова година нема да ги отворат вратите на своите објекти, бидејќи како што велат за нив во сегашните услови е неисплатливо да работат. Од угостителскиот сектор исто така не очекуваат голема посетеност затоа што и сега бројот на гостите е минимален.

„Намалената посетеност е разбирлива,бидејќи кризата удира по сечиј џеб и се разбира секој сака да помине со што помалку може. Се работи само за дневни кафиња, обични пијалаци, за поголеми некои прослави или за семејни веселби, засега некако замрена е работата“, рече Михаил Мишев, охридски угостителски еснаф.

Од локалната самоуправа најавија дека за украсувањето на градот и за забавите на новогодишната ноќ и следниот ден напладне ќе бидат издвоени околу 12.000 евра, исто како и лани.

Сашо Нелоски