Тунџев: Промените на цените и начинот на тарифирање е за систематско решение на проблемите
Катастарските услуги се зголемени од 20 до 30 проценти, вели директорот на Агенцијата за катастар, Тунџев. Причина се зголемените трошоци за струја и за одржување на компјутерските системи. Според ВМРО-ДПМНЕ, дигитализацијата е комплетно застаната, а цените за некои услуги се зголемени преку 500 проценти...

Цените на катастарските услуги се поскапени во просек за 25 до 30 насто. Наместо во пет, сега се групирани во два тарифника, вели директорот на Агенцијата, Борис Тунџев. Според него, зголемените цени се резултат на повисоката вредност на електричната енергија и сумите за одржување на компјутерските системи.
На брифингот со новинарите сакаше да присуствува и претседателот на Комората на геодетски друштва. Рибаровски, да побара објаснување за како што рече, повеќекратното зголемување на цените на катастарските услуги, но не му беше дозволено .
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека неодговорното однесување на директорот на Катастар, ја загрозува правната сигурност и го попречува нормалното функционирање на платниот промет. Според партијата, дигитализацијата е комплетно застаната, а цените за некои услуги се зголемени преку 500 проценти.
Катастарот најави, ако дојде до стабилизирање на енергетската криза, ќе се прави нова корекција на цените на услугите.
Анита Димитријевска Велковска
