Нуредини: Додека има гас да не се грееме на мазут
Нуредини потенцираше – ако е за подобро здравје на граѓаните, цената за гасот не е важна. На брифингот со новинарите уште едно предупредување поврзано со проектот за пречистителна станица – без неа земјава не може да стане членка на Европската Унија, вели Нуредини...

Додека има гас во државата да не се грееме на мазут! Министерот за животна средина, Насер Нуредини со апел до сите институции кои ја извршуваат оваа дејност, а не се под негова ингеренција. На прашањето дали Топланата Скопје Север работи на мазут тој рече дека нема официјална информација, но оти слушнале дека Град Скопје нема да дозволи да се користи мазут.
„Сакам да ве информирам дека источната и западната инсталација имаат А интегрирана дозвола, тоа значи дека е прифатено од Министерство за животна средина и тие сега за сега имаат дозвола да греат со гас. А за Топлификација Север, тие имаат Б интегрирана дозвола, која е прифатена од Град Скопје“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.
Нуредини потенцираше – ако е за подобро здравје на граѓаните, цената за гасот не е важна. На брифингот со новинарите уште едно предупредување поврзано со проектот за пречистителна станица – без неа земјава не може да стане членка на Европската Унија, вели Нуредини.
„Ние очекуваме од комисијата или да има одобрување или да го повториме проектот, но ако почнеме со повторување на проектот ќе изгубиме уште три години“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.
Базични услови на ЕУ за полноправно членство се изградба на пречистителни станици и инфраструктура за управување со отпад.
Катерина Топалова
