Економијата по изборите...

27.04.2014 21:43

Аналитичарите сметаат дека она на што сега треба да се фокусираат менаџерите е како да се продолжи со бизнисот во услови кога прогнозите за движењата во економијата се се уште нестабилни...

Завршува изборниот процес во Македонија. Од утре започнува секојдневнието на бизнисмените. Како да се обезбедат нарачки, да се склучатдоговори, да се најдат нови пазари за извоз. Ова се проблемите кои се уште ги мачат стопанствениците, иако дел од нив оптимистички најавуваат успешно продолжување на деловниот процес.

„Производството ќе продолжи онака како што се работело претходно, сепак се надеваме дека нарачките ќе се зголемат после изборите оти сепак имаше на некој начин застант процес“, вели Аце Антевски, извршен директор на Раде Кончар.

Според досегашните искуства изборните процеси имале влијание врз економијата, но без позначајни турбуленции. Аналитичарите сметаат дека она на што сега треба да се фокусираат менаџерите е како да се продолжи со бизнисот во услови кога прогнозите за движењата во економијата се се уште нестабилни.

„Она за што тие најмногу се загрижени е побарувачката и движењата во еу, пристапот до финансиски средства“, вели Никица Мојсовска Блажевска, универзитетски професор.

Според Мојсовска, иако има знаци за заживување на европската економија, сепак постојат и предизвици. Според неа, неопходно е македонските бизниси да се прошируваат и насочат кон освојување на нови пазари.

„Она што треба да следи како подобрување на деловното опкружување, треба да се работи на подобрување на инфраструктурата, намалување на административните трошоци како да станат добавувачи, да работат со странските инвестици“, додава Мојсовска.

Според последните прогнози на Народната банка, има нагорен тренд во економијата.Се очекува странските директни инвестиции но и јавните инвестиции во инфраструктурата дополнително да го раздвижат стопанството. Изградбата на двата патни правци Кичево-Охрид и Скопје-Штип, како и пругата кон Бугарија ќе бидат значителен импулс за градежништвото а ќе ја подобрат и конкурентноста на домашната економија.

 

Соња Јованова- Наумовска