Реформскиот процес мора да продолжи
Реформскиот процес на земјата мора да продолжи, никој не може да предвиди кога ќе станете земја-членка, може да сметате на нашата поддршка од Скопје, изјави германскиот претседател Штајнмајер. Ако пристапот не биде базиран на историја, туку на реални европски критериуми и вредности, Македонија ќе ги заврши преговорите во рекордно време, вели Пендаровски по средбата со Штајнмајер во Скопје…
Доколку процесот на преговори со Европската унија не биде базиран на историја, туку на реалните европски критериуми и вредности, земјава ќе ги заврши преговорите во рекордно време, изјави претседателот Стево Пендаровски по средбата со германскиот колега Франк Валтер Штајнмајер. Во однос на подготвеноста на земјава за отпочнување на пристапните преговори, шефот на државава нагласи дека Македонија е најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на унијата.
Тој рече дека не би сакал да дава прогнози по однос на временската рамка која е поставена од Владата за полноправно членство до 2030-та година, и додаде дека падот на довербата во евроинтегративниот процес меѓу граѓаните во поголем дел е последица на политика на Брисел и запоставување на процесите во земјите од Западен Балкан.
Германскиот претседател Штајнмаер во својата прва посета на земјава истакна дека со членството во НАТО, земјава донела одлука во која насока ќе го трасира својот пат. Посочи дека е свесен што довербата на граѓаните во евроинтеграциите е доведена во прашање, но и изрази уверување дека со уставните промени ќе се надмине и оваа пречка, и дека важно е двете страни повеќе да се фокусираат на заедничката иднина, отколку на минатото.
Во однос на заедничката историска комисија, пак, тој испрати совет дека историските прашања не треба да бидат фокусот во преговорите со ЕУ. На средбата се разговарало и за актуелната состојба во регионот како и за влијанието на руската агресија врз Украина.
Германскиот претседател Штајнмајер оствари средба и со премиерот Димитар Ковачевски.
Марина Стојанова Тонева
