Османи на НАТО министерски состанок во Букурешт
Пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО ќе ја зајакне трансатлантската безбедност...

Шефот на дипломатијата Османи учествува на НАТО состанокот на Северно-атлантскиот совет, на ниво на министри за надворешни работи, што се одржува во Букурешт, Романија.
Како што соопшти МНР, во фокусот на разговорите беа актуелните безбедносни предизвици, поддршката за Украина, како и последиците од руската воена агресија, меѓу кои енергетската криза и недостигот на храна, кои предизвикуваат нестабилност во осетливите региони, вклучувајќи го и регионот на Западен Балкан.
Министерот Османи во своето обраќање го истакна стратешкото значење на регионите на Западен Балкан и Црното море за НАТО Алијансата, нагласувајќи ја потребата од зголемување на поврзаноста и зајакнување на партнерството во справувањето со заедничките закани.
„Безбедноста во Европа е нарушена, руската агресија врз Украина ги урна принципите кои одржуваа мир и стабилност; но НАТО навремено, цврсто и одлучно се адаптираше на новите безбедносни и политички предизвици. Немам дилема дека денес го реафирмираме ова единство, зајакнато трансатлантско сојузништво, но и одлучноста, подготвеноста и засиленото присуство овде, во регионот на Црното море, и по целото источно крило на алијансата“, рече Османи.
Во рамки на состанокот, на кој учествуваа и министрите за надворешни работи на Шведска, Финска, сојузниците ја реафирмираа поддршката за Украина и украинскиот народ, а воедно ги дефинираа и следните чекори за зајакната практична поддршка. Воедно, стана збор и за политиката на Отворени врати на НАТО, при што Османи надеж за што поскоро членство на Шведска и Финска во Алијансата, со што двете држави ќе ја зајакнат сопствената стабилност, и но и значително ќе ја зацврстат улогата на одвраќање на Алијансата, стои во соопштението од МНР.
