Енергетската мрежа цел на завојуваните страни
Русите ја засилуваат офанзивата во Донбас. Доњецк и натаму меѓу главните жаришта на фронтот. Пред почетокот на зимската сезона, завојуваните страни се повеќе нишанат кон енергетската мрежа на непријателските сили. Во последните вооружени пресметки, украинските војници погодија електрана во руски Курск...

Експлозии во Дњепропетровската област. По масовните руски напади врз енергетската мрежа на Украина, силите под команда на Киев со контраудар врз Курската област во Русија. Регистриран е делумен прекин на снабдувањето со електрична енергија. Во последните неколку месеци, фронтот не се менува. Најжестоките битки се водат за Бахмут, Доњецк.
„Ситуацијата на фронтот е тешка. И покрај огромните загуби на Русите, окупаторот и натаму се обидува да напредува во Доњецк, да си ја зацврсти позицијата во Луганск, да се премести во Харков. Планираат нешто на југот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Жителите на регионот на Киев – градот кој е речиси постојано на нишан на руските сили – ги извршуваат секојдневните обврски во сериозно отежнати услови.
„Вчера немав интернет. 24 часа живеев без интернет, не можам да учам, да работам, да си ги решам проблемите, не можам да зборувам со пријателите, а најлошо е што не можам да гледам фудбал.“
Повремените прекини на енергетската мрежа им ги попречуваат и забавните активности коишто им се повеќе од потребни за да побегнат барем малку од суровоста на војната. Најкреативните успеваат да најдат алтернативни решенија.
„Го сменивме акумулаторот на автомобилот и го наполнивме. Дневно можеме да играме по 10 часа додека работи.“
Во меѓувреме, Германија најави испорака на повеќе од 350 генератори за електрична енергија. Нова помош и од Вашингтон за купување на струја и мрежна опрема.
Маја С. Филдишев
