Столтенберг: НАТО ја зголеми поддршката за БиХ, Грузија и Молдавија по руската агресија
НАТО ја реафирмираше посветеноста за заштита на сите сојузници и дека ќе одговори на секој напад. Министрите за надворешни работи во Букурешт усвоија засилена поддршка за Украина и за партнерите земји од Западниот Балкан и Црното Море коишто се изложени на закани од руската инвазија. Сојузниците се обврзаа за заштита и на поканетите Шведска и Финска...

НАТО ќе продолжи да го штити населението и да ја брани секоја педа од сојузничката територија во секое време, потврдено на министерскиот состанок на Алијансата во Букурешт. Засилено ќе продолжи практичната и политичката поддршка на НАТО за Украина.
„Нашиот состанок ја покажува силната и растечка соработка меѓу НАТО и нашите партнери Босна и Херцеговина, Грузија и Република Молдавија во овој предизвикувачки период. Овие партнери се погодени од рускиот притисок, а сојузниците на НАТО се посветени на зголемување на поддршката за нив. Разговараме за некои од нашите заеднички безбедносни грижи, особено во стратешки важниот регион на Црното Море и Западен Балкан“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Партнерските земји од регионот на Црното Море и Западниот Балкан се стратешки важни за Алијансата и за нив останува отворена вратата за членство.
„Како најнова земја членка, Северна Македонија силно ја поддржува политиката на отворена врата и затоа даваме поддршка за членство на Босна и Херцеговина и Косово, со што регионот ќе просперира и ќе биде во корист и за Алијансата“, изјави Бујар Османи.
Сојузниците ги охрабрија поканетите Шведска и Финска побрзо да го завршат пристапниот процес, а дотогаш НАТО ја гарантира нивната безбедност.
Ирина Гелевска
