Ниските температури го зголемија ширењето на вирусот
Зголемен е бројот на болни и хоспитализирани деца на детскиот оддел во кумановската болница. Дневната амбуланта ја посетуваат дури до 100 дечиња од предучилишна и училишна возраст. Симптомите варираат од блага настинка, до воспаление на белите дробови. Здравствените работници со апел периодов децата да се чуваат дома...

Зголемен е бројот на болни и хоспитализирани деца на детскиот оддел во кумановската болница. Надлежните информираат дека со падот на температурите се јави наплив на заболени деца од предучилишна и училишна возраст. На одделението било хоспитализирано и бебе од две недели со респираторни инфекции. Хоспитализирани се 30 деца, а останатите со поблага клиничка слика се во дневната болница. Во амбулантата дневно има до 100 прегледи.
„Првично симптомите се покачена телесна температура, болки во грлото, малаксаност, кои одат првично со сува кашлица, но по два дена се надополнуваат со продуктивна влажна кашлица“, вели д-р Ферихан Бајрами, началник на детски оддел Општа болница Куманово.
Педијатрите советуваат заболените да се изолираат за да се спречи ширење на вирусот во колективните центри. Укажуваат и периодов да се внесува повеќе витаминска храна.
Според податоците на детскиот оддел изминативе четири месеци не е регистрирано дете заболено од Ковид-19.
Детскиот оддел во кумановската болница засега располага со доволен број на персонал, шест специјалисти. Истиот го покрива целиот североисточен регион.
Елена Георгиевска
