Штип

Јорданов: Владата го кочи издавањето обврзница за Штип

30.11.2022 13:56

Со наменска општинска обврзница Општина Штип ќе се задолжува кај домашни и странски компании, за да обезбеди средства за капитални инвестиции и производство на електрична енергија. Крајната одлука ја има Владата, која на две последователни седници не го разгледува барањето на Општина Штип...

Штип е првата општина во државата која одлучи да издава обврзници со цел да обезбеди четири милиони евра, со фиксна камата и рок на отплата од седум години. Одлуката ја поддржа Министерството за финансии, но Владата не ја става на дневен ред, со што според градоначалникот, непотребно се кочи процесот за кој позитивно се изјасниле надлежните институции.

Парите од 8000 обврзници се планирани за реализација на неколку крупни инфраструктурни проекти, но и за поставување фотоволтаици и изградба на мини хидроцентрала на филтер станицата. Обврзницата ќе се издава на домашни и странски компании, а понудата ќе се смета за успешна доколку се купат 60 насто од обврзниците.

Славица Величковска