Култура

Изложба „Аголност на илузијата на пакетирањето“ на скулпторот Славчо Спировски во Загреб

30.11.2022 15:11

Со оваа изложба се заокружува годинашниот циклус на изложби во хрватската престолнина и тоа на големо задоволство токму со концептуалната уметност на Славчо Спировски истакна директорката на Центарот – Наталија Поповска.

Синоќа во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб беше отворена самостојната изложба „Аголност на илузијата на пакетирањето“ на македонскиот скулптор Славчо Спировски, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“. Со оваа изложба се заокружува годинашниот циклус на изложби во хрватската престолнина и тоа на големо задоволство токму со концептуалната уметност на Славчо Спировски истакна директорката на Центарот – Наталија Поповска.

На отворањето на изложбата кустосот Горанчо Ѓорѓиевски, меѓу другото истакна дека „Творештвото на Славчо Спировски претставува постојано истражување и експериментирање на полето на скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста кои се темелат на сопствената и светска традиција и лична историја. Креирајќи нови визуелни изразни можности го гради неговиот индивидуален ракопис и автентична ликовна филозофија. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефалограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставува активен естетски однос кон просторот како основа на реализацијата на делото.

Славчо Спировски освен во Македонија каде имал изложби во многу градови (Скопје, Охрид, Гевгелија, Прилеп, Кичево итн.), самостојно излага и во странство (Берлин, Њујорк, Софија, Загреб, … Учествува на голем број групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Либан, Италија, … Добитник е на пофалница на Меѓународната изложба – „Бели ноќи“ МајданАрт 2020, Мајданпек, Србија.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб.