Писмо-бомба во украинската амбасада во Мадрид
Писмо-бомба на адреса на украинската амбасада во Мадрид. Експлодирало во рацете на еден од вработените. Активиран антитерористичкиот протокол. Киев повика на засилена безбедност во дипломатските претставништва во светот…
Експлозија во украинската амбасада во Мадрид. Писмо кое пристигнало на адреса на амбасадата експлодирало во рацете на еден од вработените. Активиран е антитерористички протокол. Киев повика на засилена безбедност во сите украински дипломатски претставништва во светот. На украинско тло, експлозии во Дњепро-петровската област. По масовните руски напади врз енергетската мрежа на Украина, силите под команда на Киев со контраудар врз Курската област во Русија. Најжестоките битки се водат за Бахмут, Доњецк.
„Ситуацијата на фронтот е тешка. И покрај огромните загуби на Русите, окупаторот и натаму се обидува да напредува во Доњецк, да си ја зацврсти позицијата во Луганск, да се премести во Харков. Планираат нешто на југот“, изјави украинскиот претседател Зеленски.
Од руското министерство за одбрана велат дека руските сили тестирале нови начини за употреба на ракети, војници и артилерија во специјалната воена операција во Украина.
„За време на специјалната операција тестираме нови можности за борбена употреба. Пред се, станува збор за употреба на системи за извидување и напад, вклучувајќи беспилотни летала и модерни и напредни примероци на оружје“, рече рускиот министер за одбрана, Шојгу.
Во меѓувреме, Германија најави испорака на повеќе од 350 генератори за електрична енергија во Украина. Нова помош и од Вашингтон за купување на струја и мрежна опрема.
Маријана Димовска
