ЕУ одобри визна либерализација за Косово
Од 1-ви јануари 2024 година, се најавува визна либерализација за косовските граѓани. Официјален Белград со коментар-лоша порака од Брисел. Приштина подготвена за дијалог, но одбива формирање Заедница на српски општини...

Амбасадорите на земјите членки на Европската Унија одобрија визна либерализација за косовските граѓани, од 1 јануари 2024 г. Чешкото претседателство ќе ги почне преговорите со Европскиот парламент, како последен чекор пред конечната одлука. Според српскиот министер за надворешни работи, ова е лоша порака за Белград. Дачиќ смета дека Приштина постојано се наградува за нејзините неконструктивни и еднострани потези, додека им се заканува на оние кои се коректни, како Србија. За изјавата на косовскиот премиер Курти дека дијалогот со Белград не му е приоритет и дека Косово никогаш нема да формира Заедница на српски општини, Дачиќ вели дека тоа многу повеќе треба да ја загрижува меѓународната заедница, отколку Белград. Според него, Србија не може да го спречи евентуалниот кандидатски статус на Косово.
„Ако го направат тоа, ќе ги убијат преговорите. Ако им го признаете кандидатскиот статус, тоа значи дека сте ги признале и како држава“, рече Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи на Србија.
Косовскиот премиер Курти пак, тврди дека Приштина сака договор, но одбива Белград. Решението го гледа во меѓусебното признавање.
„Никогаш не сум прифатил заедница на општини со српско мнозинство. Од друга страна, од кој било предлог во иднина, ништо друго не е важно како заедницата на општини со српско мнозинство. Таква двострана селекција, за мене не е прифатлива“, рече Аљбин Курти, премиер на Косово.
По договорот во Брисел за регистарските таблички, од седиштето на Унијата во очекување што понатаму. Испратена беше порака дека очекуваат враќање на косовските Срби во институциите и за формирање на Заедници на српски општини.
Милчо Велески
