Крива Паланка

Тренчевска: Социјална реформа на дело – проширен капацитетот на градинката во Крива Паланка за нови 102 дечиња

01.12.2022 13:47

На свеченото отворање на градинката присуствуваа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, директорката на ЈОУДГ „Детелинка“, Мирка Јакимовска, вработени, родители и граѓани од оваа општина...

Ефектите од социјалната реформа што ја спроведува Владата На Република Северна Македонија преку Министерството за труд и социјална политика достапни за младите семејства од Општина Крива Паланка. При проширувањето на капацитетите на градинката „Детелинка“ со новиот објект „Поточиња“ се создадоа дополнителни 102 места за згрижување на дечиња од предучилишна возраст, со што значително се прошируваат капацитетите за оваа социјална услуга во општината. Постојниот објект на градинката „Детелинка“ во Крива Паланка преку надградбата доби пет нови занимални, од кои една е наменета за деца до двегодишна возраст, а останатите четири се за хетерогени групи на деца на возраст од две до шест години. При изведбата на градежните зафати користени се современи градежни материјали кои овозможуваат висока енергетска ефикасност на објектот.

Во надградбата на објектот инвестирани се речиси 27 милиони денари, од кои повеќе од 22 милион денари се вложени во градежните работи, а околу 4,7 милиони денари во набавка на мебел и опрема.

На свеченото отворање на градинката присуствуваа министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, директорката на ЈОУДГ „Детелинка“, Мирка Јакимовска, вработени, родители и граѓани од оваа општина.

Овие активности во градинката во Крива Паланка се реализираат во рамки на Компонента 2 од Проектот за подобрување на социјалните услуги реализиран со поддршка од Светска банка и е дел сеопфатната социјалната реформа која ја спроведуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика. Преку оваа компонента се овозможува зголемување на опфатот на деца и се унапредуваат условите во градинките.

Надградбата на градинката во Крива Паланка е реализирана во соработката со општината, која доби грант за проширување на објектот, а обезбеди и дополнителни средства, во износ од речиси 1,9 милиони денари.

Надградбата на градинката е опремена со соодветен ентериер кој ќе овозможи и поттикне учење преку игра, што е од исклучително значење за воспитно-образовниот процес на децата од претшколска возраст. Покрај надградбата, општината инвестираше и во подобрување на условите во постојниот капацитет при што беше променет системот за загревање, се замени фасадата на објектот, со нова термо-енергетска, а се изврши и промена на столаријата и на кровната конструкција. За таа цел се обезбедени дополнителни 15 милиони денари кои се обезбедени делумно од сопствени извори, а останатите преку Министерството за економија и како донации од Норвешката Амбасада и ФООМ.

За зголемување на квалитетот на услугите во градинките се реализираат и обуки за кадарот во градинките и центрите за ран детски развој. На тој начин се создаваат подобри основи за имплементација на новите наставни програми. Овие обуки ќе продолжат и во следниот период.

Досега преку Проектот за подобрување на социјалните услуги е финансирана изградба, реконструкција или надградба на 16 градинки во државава, од кои 8 се веќе започнати со работа, со што се обезбедува нов капацитет за згрижување на деца од предучилишна возраст капаците од приближно 2000 места.