Скопје

Утре превозниците со нови блокади во Скопје

01.12.2022 14:43

Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ утре од шест часот ќе го блокираат сообраќајот во Скопје на десната лента на ул. „Илинден“ на потегот од Владата до МИ-ДА, а околу 200 автобуси ќе бидат паркирани пред Градското Собрание, најави директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски...

200 автобуси ќе го блокираат булеварот Илинденска. Координативното тело на приватните превозници одлучи утре со почеток од 6 часот да ги постават возилата на потег од семафорите кај Владата до семафорите кај МИ-ДА. Ќе се блокираат само десните ленти од коловозот, соопшти на прес-конференција Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

„Ја имаме предвид молбата од директорот на фестивалот „Златно славејче“, не можете да останете рамнодушни на вакви барања. Ги имаме предвид и сугестиите од граѓани да се прават протести пред Градското собрание, да нè трпат сите граѓани. Пред Градското собрание утре ќе бидат паркирани околу 200 автобуси, за да види градоначалничката Данела Арсовска дека не е таква бројката како што таа кажува. Некој сака да ја дефокусира јавноста и да кажува дека нема проблеми, дека го покриваат градскиот проблем, но сите гледате што се случува“, рече Ленин Јовановски.

Дали протестите и блокадите ќе продолжат за време на викендот, Јовановски не знаеше да каже, но нагласи дека секако ќе продолжат од понеделник ако нема решение на проблемот и дека тие ќе се радикализираат. Ако нема решение, во понеделник овие 200 автобуси ќе се прегрупираат и ќе го блокираат сообраќајот од 6 часот наутро, ќе има целосна блокада на крстосницата кај „Мавровка“, на крстосницата кај „Црвен крст“ и на улицата Илинденска, додаде тој. Јовановски уште еднаш ги отфрли обвинувањата на Арсовска дека приватните превозници од „Слобода превоз“ во изминатите пет години, односно од 2017 до денес, немаат пријавено ниту еден продаден билет во автобусите кои возат за двете здруженија, а истовремено од Јавното сообраќајно претпријатие ги наплаќале фактурите за извозените километри за сума од едно евро по километар.

Катерина Топалова