Уставен суд

Уставниот суд не поведе постапка, недела останува неработен ден

01.12.2022 14:50

Уставниот суд на денешната седница одлучи да не поведе постапка за предметот во кој беше оспорено работењето во недела, информира на прес-конференција портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска …

Недела останува неработен ден. Уставниот суд не поведе постапка по иницијативата на Стопанската комора со којашто се оспоруваше работењето во недела. Одлуката е донесена со мнозинство гласови и како што објаснуваат од судот – таа е конечна и мора да се почитува.

За Сојузот на синдикатите на Македонија, ваквата одлука на Судот е победа на заложбите недела да остане ден за одмор.

„Уставниот суд ја враќа вербата на работниците и на синдикатот како нивен претставник и застапник, во владеењето на законите и правда за сите во државата и покрај барањето и притисоците на одделни работодавачи кои водени од желбата за сопствен профит се обидоа да го намалат и елиминираат ова гарантирано право на работниците“ – оценува Сојузот на синдикатите.

Стопанската комора го оспори Законот за работни односи и во иницијативата наведе дека ден на неделен одмор може да биде кој било друг ден во седмицата, но и дека со утврдувањето додаток на плата за работа в недела од најмалку 50 отсто се создава правна несигурност.

Анита Димитријевска Велковска