Фотографска изложба „Точки на интерес“ од ризницата на Живко Јаневски во КИЦ
Изложбата е резултат на истражувачки проект од 2020 година во Музејот на Град Скопје на Одделот за современа фотографија и филмски материја.

Вечерва во Културно информативниот центар во Скопје ќе биде отворена изложбата „Точки на интерес“ која содржи сто и десет дигитално испечатени фотографии од фоторепортерот и доајен на македонската фотографија Живко Јаневски (1940-2000). Изложбата е резултат на истражувачки проект од 2020 година во Музејот на Град Скопје на Одделот за современа фотографија и филмски материја.
По случајното откривање на коверти со филмски негативи кустосот Станко Неделковски сфатил дека целокупниот материјал е од фотографот Јаневски работен за потребите на „НИП Нова Македонија“. Така започнува истражувачкиот проект.
„Истражувањето насловено ’Меморијата на Живко Јаневски‘ се насочи во правец на пронаоѓање на фотографиите во дневниот весник ’Нова Македонија‘ и другите изданија на издавачкото претпријатие за нивно датирање и потребата за нивното објавување. Истражувањето во големиот материјал (285 црно бели филмови, 9.500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ. По извршениот преглед водени од естетските вредности на авторот се направи концепција и избор за изложба, се дигитализираа и обработија негативите за печатење“, вели Неделковски за СДК.
