Цибона ја совлада Цедевита за првата јадранска титула
Во четвртиот обид, синонимот за хрватската кошарка успеа да се искачи на врвот во регионалното натпреварување, со убедлива победа против отсатниот противник во финалето.

Во првото хрватско и загрепско финале, одиграно среде Белград, Цибона славеше со 72:59 против индиспонираниот состав на Цедевита. Загрепските Вукови им се придружуваат на Партизан (6), ФМП (2), Унион Олимпија (1), Задар (1), Макаби (1) и на Хемофарм (1), кои што го почувствуваа шмекот на регионалната кошаркарска титула.
Ако Цибона ја продолжи бајката што ја почна во ноември минатата година со смена на тренерот и го приреди најголемото изненадување сезонава совладувајќи ја Црвена Звезда во полуфиналето, тогаш Цедевита ни од далеку не наликуваше на екипата што втор пат во историјата застана на патот меѓу Партизан и финалињата.
Предводник на оваа, можеби севкупно земено играчки најслаба, но сигурно најборбена и најпожртвувана генерација на Цибона во историјата на АБА лигата, е Дарио Шариќ.
20 годишниот кошаркар постигна 23 поени, имаше 11 скокови, 7 асистенции и 4 блокади, што севкупно земено е несомнено најдобриот учинок во историјата на АБА лига финалињата.
Освен на турнирот, Шариќ претходно беше прогласен и за МВП на регуларниот дел на сезоната, со преку 16 поени и со скоро 10 скокови по натпревар. Неговата иднина е НБА лигата.
Цибона триумфира во АБА лигата со половина екипа, реално со 7 вистински кошаркари дораснати на предизвикот но од нив повеќето ветерани, со само двајца што отскокнуваат според квалитетот (Шариќ, Блесингејм), со огромни финанаски проблеми во текот на целата сезона.
Сега се поставува прашањето дали тренер на годината е стратегот на најскапата екипа во лигата, Дејан Радоњиќ од Црвена Звезда кој што го доби признанието пред почетокот на турнирот во Арена, или тоа е предводникот на Цибона, Славен Римац?
Цибона три пати сезонава се соочи со Цедевита во Јадранската лига и три пати ја совлада. Го загуби Суперкупот на стартот на сезоната и првото соочување во Супер лигата на Хрватска, загуби од Загреб во полуфиналето на Купот каде што потоа Цедевита убедливо триумфира, но вистинските предизвици следат понатаму, а тоа се мечевите во хрватскиот плеј оф.
Цибона и Цедевита ќе играат Евролига. Двата полуфиналиста Партизан и Звезда, заедно со екипите до 6-та позиција (Будуќност и Игокеа) ќе играат директно во Еврокупот.
МЗТ ја заврши сезоната на 9-та позиција, со скор 12/14, но за споменување е дека Металците со победа во последното коло против Раднички во СКопје, ќе си го обезбедеа 6-то место.
Тодор Гечевски се пензионира и го доби признанието од АБА лигата за животно дело, прва ваква награда во историјата на обва натпреварување, кое што се игра во последните 13 сезони.
