Дел од преработувачите ги намалија цените, за оние со фотоволтаици нема субвенционирана струја
На околу десетина компании од месната индустрија им се одбиени апликациите за добивање субвенционирана струја зашто имаат фотоволтаици – велат од Стопанската комора. Ако проблемот не се реши, ќе мора да ги корегираат веќе намалените цените на свежото свинско месо и дел од пилешкиот асортиман…

Дел од преработувачите на месо веќе ги намалиле цените бидејќи од денес ги користат владините субвенции за струја. На околу десетина компании, пак, им биле одбиени апликациите за добивање субвенционирана електрична енергија затоа што имаат фотоволтаици. И тие веќе ги намалиле цените на педесетина производи и во најскоро време очекуваат надминување на проблемот и потпишување на договори, за да не бидат оставени во нерамномерна положба.
Ослободување од царина на смрзнато свинско месо за да се намали цената на домашните месни производи, бараат од Групацијата за преработка на месо при Стопанската комора. Велат, домашните производи не се конкурентни оти за нив се плаќа царина за суровината, а за готовите производи од увоз нема давачки.
Месната индустрија и официјално ја започна новата кампања – „Домашно, квалитетно, евтино“.
Марија Котовска
