Европа

Шпанија ја засили безбедноста откако писма со експлозив пристигнаа на неколку локации

01.12.2022 16:33

Шпанија ја засили безбедноста откако писмо-бомба пристигна до премиерот Санчез. Според првичните сознанија експлозивите биле испратени од шпанска територија. Апел до граѓаните да останат смирени…

Шпанија ја засили безбедноста на јавните и дипломатските згради откако писма со експлозив пристигнаа на неколку локации, вклучително и до премиерот Педро Санчез. Според првичните сознанија, писмата биле испратени од шпанска територија. Апел до граѓаните да останат смирени.

„Истрагата се спроведува координирано. Ги преземаме неопходните и прецизни мерки за да ја гарантираме безбедноста на сите јавни објекти, како и на дипломатските делегации и на целото општество“, изјави Фернандо Гранде Марласка, министер за внатрешни работи на Шпанија.

Шпанските власти соопштија дека е откриен сомнителен плик во Амбасадата на САД во Мадрид. Две писма со експлозив пристигнале до украинската амбасада во Мадрид и до производител на оружје во североисточна Шпанија. Сомнително писмо откриено е и во сателитскиот центар на Европската унија лоциран во воздухопловна база надвор од шпанската престолнина.

„Супстанцијата што се користи во пликот пресретнат во канцеларијата на премиерот е соединение или состојка што се користи во пиротехниката. Карактеристиките на пликовите и нивната содржина се слични во сите пет случаи“, вели Рафаел Перез, државен секретар за безбедност.

Украинскиот министер за надворешни работи им нареди на сите амбасади на Киев во странство итно да ја зајакнат безбедноста и ја повика Шпанија да го истражи нападот.

„Наредив сите странски дипломатски институции на Украина да ги зголемат безбедносните мерки. Ќе го браниме секој Украинец не само во Украина, туку и во странство со сите расположливи средства“, изјави Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

Од Киев велат дека кој и да стои зад писмата нема да успее да ги заплаши дипломатите или да ја прекине работата за зајакнување на земјата и спротивставување на руската агресија.

Маријана Димовска