Македонија

Град Скопје го раскина договорот со „Слобода Превоз“, превозниците утре ќе ја блокираат „Илинденска“

01.12.2022 17:13

Утре од шест часот едната лента на „Илинденска“ ќе биде блокирана со приватни автобуси. Превозниците велат – блокади ќе има до постигнување договор. Ги бараат парите што им ги должат. Град Скопје го раскина договорот со „Слобода Превоз“…

Град Скопје го раскина договорот со здружението на приватни превозници „Слобода Превоз“. Како причина се наведува неисполнување на обврските кои произлегуваат од договорот.

„Се работи за обврската за континуирано и непрекинато давање на јавната услуга за превоз на патници. За жал, „Слобода Превоз“ повеќе од два дена во континуитет не ја извршуваше оваа договорна обврска со што поради непочитување на договорот истиот е раскинат“-соопштуваат од Град Скопје.

Пред соопштението на градот, „Слобода Превоз“ одржа прес-конференција на којашто нивниот претставник Ленин Јовановски рече дека приватните превозници не возат бидејќи немаат пари, оти Град Скопје не им ги исплаќа долговите. Притоа соопшти дека донеле одлука утре да ја блокираат десната лента на „Илинденска“.

Јовановски рече дека утре ќе очекуваат повик за средба и решавање на проблемот, а доколку не се случи тоа, најави дека в понеделник ќе блокира три клучни сообраќајници во Скопје.

Катерина Топалова