Влада

Нов концепт на даночна реформа

01.12.2022 17:33

Прогресивното оданочување нема да се применува од први јануари, не се предвидуваат нови давачки-објави премиерот Ковачевски. Со пакетот ќе се ревидираат даночните ослободувања, ќе има проширување на даночна основа. Целта е сузбивање на сивата економија…

Се укинува прогресивното оданочување кое требаше да стартува од 1-ви јануари, не се предвидуваат нови даноци, а хонорарците доброволно може да плаќаат придонеси, објави премиерот Ковачевски, по усвојувањето на новиот концепт на даночна реформа. Со него, данокот на личен доход останува 10 проценти, исто толку и данокот на добивка, данокот на додадена вредност останува 18, а нема да се оданочуваат ниту каматите на депозитите и штедните влогови.

„Овој нов концепт значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија. Со ова, резултатот од новиот концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспарентно управување со јавните финансии што е особено важен услов во оваа најголема економска криза“, рече премиерот Ковачевски.

Првиот финансиер обелодени дека се размислува да се воведе викенд без ДДВ кој ќе важи само за прехранбените производи и кој би се спровел во текот на една или две недели за време на празници. Од реформите презентирани од првиот пакет, данок на личен доход и данок на добивка се планира 50 милиони евра позитивни фискални импликации-посочи министерот за финансии, Бесими.

„Дополнително со интервенциите во ДДВ во однос со даночната база уште 50 милиони евра и проекциите беа 6,1 милијарда денари или 100 милиони евра да бидат фискалните импликации. Денеска овој пакет се очекува да донесе дополнителни 4,2 милијарди денари, или 70 милиони евра како дополнителни фискални импликации или 0,6 проценти од Бруто-домашниот производ. Тоа значи за толку помалку ќе треба да се задолжиме за да си ги оствариме сите потреби на финансирање“, нагласи министерот Бесими.

Со новите даночни решенија владата одлучи на луксузните прехранбени производи да им го зголеми данокот од 5 на 10 проценти. Министерот Бесими посочи дека владата размислува и за оданочување на екстра профитот што го остваруваат некои големи компании. За ова допрва ќе се дебатира, за да се најде соодветно решение.

Наташа Гркова-Петрушевска