Македонија

Приватните превозници со 200 автобуси ја блокираа „Илинденска“, бараат средба со Арсовска

02.12.2022 11:57

Приватните превозници со нови блокади, овојпат на булеварот „Илинденска“. Поставија и ултиматум, доколку не се реши проблемот до понеделник, најавуваат целосна блокада на Скопје...

Приватните превозници од 6 часот утринава ја блокираа едната лента од улицата „Илинденска“ со над 200 автобуси. Велат доколку не се најде решение за нивниот проблем од понеделник ќе има целосна блокада во главниот град.

Приватните превозници не се дел од јавниот превоз веќе две недели. Поради тоа нема доволно автобуси, граѓаните долго чекаат на постојките и автобусите се преполни. Но и покрај блокадата на булеварот „Илинденска“ граѓаните велат дека немало многу метеж низ главниот град.

Возачите на автобусите од утринава чекаат пред Град Скопје, за да бидат примени од страна на градоначалничката Арсовска за како што велат на мирен и културен начин да најдат заедничко решение околу настанатата состојба во јавниот градски превоз.

Арсовска вчера го раскина договорот и со „Слобода превоз“, откако пред еден месец тоа го стори со „Макекспрес“. Таа и директорот на ЈСП тврдат дека градот нема долг кон јавните превозници, а доколку тие сметаат дека е така да поднесат тужба.

Од Град Скопје ги повикаа сите приватни превозници, да се јават на јавниот повик кој ќе биде објавен во текот на следната недела. Според Арсовска, со овој модел, склучување на директни договори за јавен градски превоз со индивидуални превозници ќе придонесе за поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.

Ана Ј. Тодоровска