Србија нема да учествува на самитот ЕУ - Западен Балкан
Европскиот комесар за соседска политика и проширување Вархеји во посета на Белград. Државниот врв на Србија револтиран од реакцијата на Брисел по одлуката на косовскиот премиер да им даде функции на двајца српски државјани во својата влада. Еу очекува договор до пролет, а до крајот на идната година – нормализација на односите меѓу Белград и Приштина...

Србија ќе го бојкотира Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тирана. Одлуката на официјален Белград следува откако Брисел не го осуди именувањето на Ненад Рашиќ за министер во Владата на Косово, кое според Србија, е спротивно на Бриселскиот договор, но и на волјата на народот. Според Српска листа, назначувањето е и противзаконско, а косовскиот премиер Албин Курти се обидува зад себе да има лојални Срби. Покрај Рашиќ, функција доби и Рада Трајковиќ, претседателката на Европското движење на Србите, којашто ќе биде негова советничка. Европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, во посета на Белград во обид да се смират најновите тензии.
„Зошто лаже дека се претставници на Србите? Зошто го лажат светот? Претставници се оние кои добија 93% од гласовите, а не 2%. Директно ги уривате сите демократски принципи. Моето прашање е: Што е следно?“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Сега сме одговорни за исполнувањето на очекувањата и одржувањето на замавот бидејќи процесот на проширување е еден од трите главни приоритети на лидерите на ЕУ. Токму поради тоа го имаме самитот во Тирана каде што нашите лидери ќе дојдат прв пат во регионот да разговараат со регионот, за регионот. Потребно е да се ангажираат сите и потребна ни е Србија на маса“, изјави еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.
Заедницата на српски општини останува жешка точка во дијалогот Белград – Приштина. Официјален Брисел со став – ЗСО е обврска која Приштина ја презеде уште во 2013 година и истата треба да биде заснована на постојните европски стандарди и модели бидејќи една од целите е Приштина да се приближи до ЕУ. „Договор меѓу Белград и Приштина до идната пролет, нормализација на односите до крајот на следната година“ – очекува специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак.
Маја С. Филдишев
