Експертите бараат поголема грижа за културното наследство во Охридскиот регион
Поголема грижа за културното наследство во земјава бараат експертите. Според нив земјава, а особено Охридскиот регион располага со културно богатство од сите епохи и цивилизации од праисторијата до денес, но потребно е да се користат искуствата на европската конзерваторска служба за соодветна заштита и промоција...

Потребна е поголема грижа за културното наследство во Охридскиот регион. Југозападниот регион во земјава располага со културно богатство од сите епохи и цивилизации од праисторијата до денес. Експертите велат потребна е соодветна заштита, презентација и промоција.
Треба да се користат искуствата на европската конзерваторска служба.
„Македонија иако е мала земја таа располага со големо значајно и богато културно наследство. Тоа се епохи, слоеви, цивилизации кои овде поминувале се е тоа наталожено, напластено од археологијата од раниот период од праисторијата па се до времето на преродбата тоа се тоа се во прашање милениуми. Така да Македонија има големо културно наследство но сега проблемот е заштитата и презентацијата“, вели Сашо Цветкоски од Истражувачкиот центар за културно наследство при МАНУ.
Струшкиот регион има особено значајни ранохристијански комплекси кои чекаат да бидат конзервирани и заштитени.
„Тука е и блиската базилика во селото Радолишта, и базиликата во село Ташмаруништа, што е едно значајно културно наследство од времето на раното христијанство. По примерот на Октиси пред неколку години и во Ташмаруништа мозаиците кои се најдоа во 2000-та година при ископувањата на иста начин се третираа и денес се изложени во црквата во Ташмаруништа“, додава Цветковки.
Експертите сугерираат на недоволна или неадекватна заштита на културното наследство факт што го нотира и реактивната мисија на УНЕСКО. Од таму сугерираат на недоволна обученост и недоволен број на стручни кадри за заштита на културното богатство.
Соња Рилковска
