На километар од центарот на Куманово, неасфалтирани улици
Во 2022-ра жители на кумановска населба која се наоѓа на само еден километар од центарот на градот, бараат пат. Велат теренот е непристапен за возилата на Итната помош, па кога ни треба лекар се снаоѓаме како што знаеме. Направиле петиција, барале состаноци, но засега никој од надлежните не реагира на нивните барања...

„Итната помош не може да помине, човек носиме на грб“, раскажуваат револтираните жители на кумановската населба „Перо Чичо“, која се наоѓа на само еден километар од центарот на градот. Овие граѓани со децении немаат асфалт на улиците 705 и 706, иако обврските кон општината редовно ги намируваат. Велат возилата на Итната помош, противпожарната единица, таксистите не влегуваат. За проблемот алармирале до надлежните институции. Направиле и петиција која ја доставиле, но засега никој не сака да им помогне.
„Децата кога ќе тргнат на училиште тоа е страшно. Носат два пара обувки, за да замине чисто на училиште. Во никакви услови, десет минути сме до центарот ова е срамота“, вели Убавка Трајковска, жителка на „Перо Чичо“ Куманово.
„Не може да дојде ни камион дрва да ни донесе, итна помош, полошо од овде нема“, дополни Трајко Бошковски, жител на „Перо Чичо“ Куманово.
Овие жители посочуваат дека политичарите доаѓаат само пред изборите. Велат во 2022-ра живееме без основна инфраструктура.
„Од 1992 година на сите локални, парламентарни избори ќе биде овој мандат, но нема ништо и си останува и денес-дополнува Ласте Стојановиќ“, жител на „Перо Чичо“ Куманово.
„Баравме состанок, одевме неколкупати, можеби 4-5, ја префрлаат топката, ни велат одите до Водовод, некаде, сè што ни ветија на крај ништо не излезе-истакна Стоје Станковски“, жител на „Перо Чичо“ Куманово.
Од одделението за комунални дејности во општина Куманово информираат дека за улиците не е изготвена техничка документација. Веќе е упатено ново барање, по што улиците треба да се стават во програмата за реализација. Но објаснуваат дека претпријатието Водовод има направено предмет пресметка за реконструкција на водоводна мрежа, но не е најдено решение, бидејќи дел од жителите одбиваат да платат.
Елена Георгиевска
