Руско-украински конфликт

Продолжува руското гранатирање на Херсон

03.12.2022 12:15

Повеќе од 1.300 украинци се ослободени од руско заробеништво од 24-ти февруари, кога започна војната, изјави Зеленски. фрагменти од руски проектили и друга муниција се чуваат на непозната локација во Харков, како доказ за форензичарите и меѓународните судови. Жестоки борби и на истокот на земјата. Властите предупредија дека Украина се соочува со тешка зима поради руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура...

Украинскиот претседател Зеленски изјави дека повеќе од 1.300 украинци се ослободени од руско заробеништво од 24-ти февруари, кога започна војната. Во видео-обраќање рече дека уште 50 украинци биле донесени дома од руско заробеништво, со ветување дека ќе ги вратат сите други.

„Вкупно 1.331 се веќе на слобода. Но, мора да ги вратиме сите наши херои кои беа заробени од непријателот, сите оние кои беа депортирани, кои беа изложени на репресија и кои се чуваат на различни изолирани места во Русија и во привремено окупирани градови на нашата држава“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Зеленски рече дека на состанок на Советот за национална безбедност и одбрана се дискутирало дека сите тела одговорни за националната безбедност, мора да ги интензивираат мерките за идентификување и сузбивање на активности на руските специјални служби.

Инаку, фрагменти од руски проектили и друга муниција се чуваат на непозната локација во Харков, како доказ за форензичарите и меѓународните судови.

„Севкупно, на оваа локација има повеќе од илјада проектили, нивната вкупна цена е повеќе од 100 милиони американски долари. Тие беа искористени за гранатирање на цивилната инфраструктура на Харков, станбени згради, болници, училишта и друга цивилна инфраструктура“, изјави Дмитро Чубенко, портпарол на обвинителството во регионот Харков.

Во меѓувреме продолжува руското гранатирање на Херсон, прекинувајќи го снабдувањето со струја во градот. Жестоки борби и на истокот на земјата. Властите предупредија дека Украина се соочува со тешка зима поради руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура.

Рускиот претседател Путин му рекол на германскиот канцелар Шолц дека масовните напади на Русија врз енергетската инфраструктура на Украина се неопходни и неизбежни. Шолц, пак, побарал од Путин да ги повлече своите војници од Украина за да се постигне „дипломатско решение“.

Марина Ристова