Македонија

Тетовските комунални инспектори ќе добијат пошироки овластувања

03.12.2022 12:31

Комуналните инспектори во Тетово, отсега ќе имаат право ја земаат стоката која на диво се продава, претежно по тротоари и други јавни површини. Донесена е нова одлука за комунален ред, со која инспекторите сметаат дека дивите тезги веќе ќе станат минато...

Акциите на комуналните инспектори за отстранување на диви тезги успешни. Но по нивната интервенција, тротоарите и другите јавни површини ослободени се само неколку дена, потоа повторно се узурпираат од нелегалните продавачи.

Од тетовскиот Инспекторат, уверуваат дека ваквата пракса ќе биде минато, откако се донесе нова одлука за комунален ред, со која инспекторите ќе имаат право да ја запленат и стоката.

Но, проблемите на Општинскиот инспекторат не завршуваат со оваа одлука. Оваа институција кубури со инспектори. Има само 16 лиценцирани, а за целосно покривање на градот потребни се 40. Дополнителен проблем е што сè уште не е изгласан законот за комунална полиција.

Од Инспекторатот велат дека се свесни за големиот број дивоградби. Но, за поголем број од нив, велат не можат засега да преземат ништо, оти се во постапка за легализација.

Зоран Димовски