Охрид

Зголемен бројот на акутни миокардни инфаркти

03.12.2022 12:46

Временските услови, намалената физичка активност, стресот и неводењето сметка за правилна исхрана го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Ова е период од годината кога бројот на акутни миокардни инфаркти расте, велат од специјализираната болница за кардиолошки заболувања од Охрид каде што секојдневно спасуваат човечки животи...

Спуштањето на температурите го зголеми бројот на акутни миокардни инфаркти, а загрижува податокот што старосната граница е се пониска. Кардиолошките заболувања бележат варијации во зависност од временските услови, меѓутоа ризик фактори во овој период од годината се и намалените физички активности на пациентите и воопшто на целото население, сезонските вируси, загадувањето на воздухот и занемарувањето на хигиено диететските режими.

„Во овој период има зголемување на кардиоваскуларните заболувања на пациенти коишто имаат влошување на симптомите со веќе позната васкуларна болест или пациенти со веќе познати ризици и секако тоа влијае врз бројката на пациенти во амбулантно поликлиничкиот дел, но и бројката на хоспитализирани пациенти на интензивно лекување, како и зголемување на бројката на акутни миокардни инфаркти“, вели д-р Елена Коваческа Башуроска, директор на Специјализираната болница за кардиолошки заболувања Охрид.

Пандемијата и периодот на замена на стариот нефункционален, со нов ангиограф, создаде поголема листа на чекање. Лекарите прават напори за надминување на оваа состојба.

„Со почетокот на работа на новиот ангиограф зголемена е бројката на пациенти коишто имаат потреба од елективна коронарографија и апсолутно, максимално се трудиме да ја намалиме листата на чекање на пациенти за коронарографија или интервенција“, дополни д-р Башуроска.

Намалувањето на времето за интервенција кај кардиоваскуларните заболувања игра голема улога и поради тоа е потребно да се обезбеди уште една интервентна сала и ангиограф, што вработените одамна ги бараат. Обучен кадар веќе има и тој професионално се справува со сите предизвици на пациентите од југозападниот дел на земјава.

Сашо Нелоски