ЕУ и Г7 ја ограничија цената на руската нафта
По одлуката на ЕУ и земјите од Г7 за фиксна цена на руската нафта од утре, Москва не прифаќа. Испратена конкретна порака-од оваа година, Европа ќе живее без руската нафта. Украинскиот претседател одлуката ја оцени како несериозна. Тоа нема да ја спречи руската агресија-вели Зеленски. Британските разузнавачи тврдат дека се намалува поддршката на русите за војната во Украина...

Земјите од Г7, членките на ЕУ и Австралија се договорија да ја ограничат цената на руската нафта на 60 долари за барел. Ќе важи од утре. Според европската комисија ценовното ограничување „овозможува непречена транзиција“ и нема да важи за нафта купена над горната граница, која е натоварена на бродови пред 5-ти декември и истоварена пред 19 јануари 2023 година. Претседателот Зеленски го изрази своето разочарување поради одлуката
„Одлуката не е сериозна одлука, бидејќи тоа е сосема удобно за буџетот на терористичката држава. Ако цената на руската нафта се ограничи на 60 долари, наместо, на пример, на 30 долари, рускиот буџет ќе добива околу 100 милијарди долари годишно. Парите ќе одат не само за војната, туку и натамошна дестабилизација на оние земји кои сега се обидуваат да избегнат сериозни одлуки“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Русија го отфрли ограничувањето на цената на нафтата, и се закани дека ќе престане да ги снабдува земјите што го поддржаа договорот.
А, како што паѓаат температурите во Калинивка, мало гратче југозападно од Киев, малкумина останати жители стравуваат дека ќе замрзнат меѓу урнатините на уништеното село.
„Сакам да победиме што е можно поскоро за да има мир и спокојство, сите војници да се вратат дома живи и здрави“.
„Многу сум вознемирена. Не можам да се измијам или да одам сама во тоалет. Сакам само малку личен простор“.
„Тешко е за сите. Ја сакам мојата куќа. Сакам да живеам во мир, а мојот син и неговата девојка да имаат каде да живеат. Затоа што сега, тие немаат живот. Тоа не е живот“.
Првиот заменик министер за надворешни работи на Украина, Емине Џепар, објави снимка од Бахмут, град во источна Украина, кој руските сили очајнички се обидуваат да го освојат со недели. Ова остана од Бахмут. Руските варвари ја користат истата тактика што ја користеа во Мариупол – ако не можат да го освојат градот, го претвораат во прав, истакна тој.
Во меѓувреме, брод со украинска пченица пристигна во пристаништето во Етиопија. Претседателот Зеленски рече до почетокот на следната година, вкупно околу 60 бродови ќе испорачаат жито.
Марина Ристова
