Музичка прошетка низ дваесетгодишниот репертоар
Исклучително симпатично беше тоа што во публиката се забележуваа и цели семејства, родители со деца, што укажува на тоа дека музиката на ДНК оставила меѓугенерациски белег.

Македонското дуо ДНК ја дефинирираше идеалната роденденска прослава за еден изведувач. Со полна сала фанови, пријатели и соработници, Андреј и Панчо го прославија 20-тиот роденден на нивното заедничко музичко патување.
Публиката броеше повеќе од 7.000 посетители од сите возрасни категории, но на крајот на вечерта заклучокот беше дека тоа е податок од второстепена важност, додека пак од примарна важност беше фактот што сите до еден, без хипербола, наизуст ги знаеја и пееја песните на ДНК.
Исклучително симпатично беше тоа што во публиката се забележуваа и цели семејства, родители со деца, што укажува на тоа дека музиката на ДНК оставила меѓугенерациски белег.
На сцената пак, Андреј и Панчо во придружба на фул-бенд со енергија „низ плафон“ и со цело срце ги изведоа бројните хитови и ја одведоа публиката на двочасовна музичка прошетка низ дваесетгодишниот репертоар.
Концертот го збогатија и многу гости. Како гласни поддржувачи на младите артисти, ДНК во текот на вечерта им отстапија минути на Јанг Дади, Таско, Мина Блажев, но исто така и на изведувачи и соработници од старата гарда како Наум Петрески, Тамара Тодевска, Џамбо Агушев оркестарот и Магдалена Цветкоска – Ена.
За крај, како што беше најавено – концертот имаше и хуманитарна нишка, односно дел од средствата од продадените влезници и новиот албум на ДНК се наменети за Фондацијата Марко Божиновски која има за цел да помага на млади луѓе во социјален ризик, особено на спортски таленти во оваа категорија.
