Неврохирургот Николај Габровски, кандидат на ГЕРБ-СДС за премиер
Неврохирургот Николај Габровски е кандидат за премиер на Бугарија. Најголемата политичка партија, централно-десничарската ГЕРБ, од претседателот Радев доби седум дена да се обиде да формира влада, која треба да ја изведе земјата од продолжениот политички ќорсокак…

Неврохирургот Николај Габровски е номинацијата на ГЕРБ-СДС за премиер. Најголемата парламентарна партија сепак се реши за непартиски кадар, кој како што велат од партијата на Борисов, може да биде прифатлив за сите партии. Новиот мандатар вели дека во последните години добивал многу покани за да работи во странство, но и да влезе во политиката, што ги одбивал. Според Габровски, Бугарија во моментов е на крстопат на многу кризи, економска и социјална, но и со сериозен мигрантски притисок. Рече дека ќе направи сè што е можно да предложи Влада која е далеку од политички разговори и конфронтации.
„Ќе бараме поддршка апсолутно од сите. Идејата е целосна промена на политичкиот тон, да преминеме од неефикасна конфронтација, видлива за сите, кон дијалог и заеднички допирни точки“, изјави мандатарот за нова влада, Николај Габровски.
Мандатот за состав на новата бугарска влада Габровски го доби од претседателот Радев, кој речиси два месеца правеше консултации со сите парламентарни партии.
„Сакам да констатирам дека како прва политичка сила вашата одговорност за формирање влада е голема. Силно се надевам дека дополнителното време што го одвоив за консултации, помогна да се најде соодветна формула за формирање на кабинет. Ви посакувам успех“, рече бугарскиот претседател Румен Радев.
Кандидатот за премиер има една недела да формира влада. Ако не успее, вториот мандат ќе биде врачен на „Продолжуваме со промената“, на Кирил Петков, од каде што веднаш се огласија дека нема да поддржат влада на ГЕРБ. И лидерката на бугарските социјалисти Корнелија Нинова порача дека нема да поддржат влада во првиот мандат.
Милчо Велески
