Стапуваат во сила ограничувања на цената на руската нафта и европското ембарго
Г7 и Австралија се согласија да ја ограничат цената на руската нафта што се превезува со танкери на 60 долари за барел...

Цените на нафтата стабилни откако на сила стапи ограничувањето на цената на руската нафта, во момент кога Западот се обидува да ја намали способноста на Москва да ја финансира војната во Украина. Русија кажа дека нема да ја почитува оваа мерка, дури и ако мора да го намали производството. Г7 и Австралија се согласија да ја ограничат цената на руската нафта што се превезува со танкери на 60 долари за барел.
„Пред руската инвазија на Украина, ЕУ добиваше околу една четвртина од целата своја нафта од Русија, така што елиминирањето на овој увоз е голем чекор за Европа. Еу исто така беше најголемиот извозен пазар за Русија и остана така, ова исто така има големо влијание врз трговските текови на рускиот извоз“, изјави Лаури Миливирта, Центар за истражување на енергија и чист воздух.
„ЕУ првично одлучи да им забрани на своите компании да тргуваат со руска нафта насекаде низ светот и 90% од испораките на руска нафта се осигурани од европски компании. Така, тоа би имало огромно влијание врз способноста на Русија да продава нафта низ целиот свет. Но, наместо тоа, САД се залагаат за ограничување на цената, што би ја ограничило цената по која овие компании можат да транспортираат нафта низ целиот свет. Но, сепак ќе им биде дозволено да транспортираат руска сурова нафта надвор од Европската унија“, рече Луис Вилсон, активист.
Русија е вториот најголем извозник на нафта на светот.
Зеленски ги повика граѓаните на истрајност
Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски, во пресрет на претстојната студена зима, апелираше до Украинците да бидат истрајни, бидејќи како што рече, непријателот се надева дека ќе ја искористи зимата против нив.
„Мора да направиме се за да ја преживееме оваа зима, без разлика колку е тешка. Мора да го издржиме ова. Треба да си помагаме еден на друг повеќе од кога било. Мораме да бидеме поотпорни и пообединети од кога било. Не смеат да се дозволат никакви внатрешни конфликти и расправии кои можат да не ослабат“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски посочи дека Русија има предност во проектили и артилерија, но дека Украинците го штитат својот дом што им дава мотивација.
Марина Ристова
