Македонија

Делата на Владимир Георгиевски во Музеј на град Скопје

05.12.2022 12:25

Во Музејот на град Скопје на 7-ми декември (среда) оваа година, во 20 часот ќе биде свечено отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017)...

Во Музејот на град Скопје на 7-ми декември (среда) оваа година, во 20 часот ќе биде свечено отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017).

Изложбата се состои од стотина дела на уметникот работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел.

Владимир Георгиевски е роден 1942 година во Скопје. Во 1963 завршил Училиште за применета уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади ’25 мај‘). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројните театарски претстави и неколку домашни играни филмови.

Голем број негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. Има реализирано дваесет и пет самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев, Санкт Петерсбург и Софија.

Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколкупати е наградуван и за неговата работа во театар.

За оваа изложба е подготвена и монографија за творештвото на Владимир Георгиевски. Издавач е Музеј на град Скопје а автори на текстот Емил Алексиев и Никола Пијанманов.