Скопје

Приватните превозници продолжуваат со блокадите

05.12.2022 13:16

Приватните превозници повторно на протест. Паркирани автобуси на три скопски крстосници. Граѓаните заглавени на сообраќајниците. Здруженијата се извинија, но најавија и проширување на блокадите ако не бидат повикани на разговори...

Приватните превозници повторно на протест. Паркирани автобуси на три скопски крстосници. Граѓаните заглавени на сообраќајниците. Здруженијата се извинија, но најавија и проширување на блокадите ако не бидат повикани на разговори за да се договорат околу динамиката на исплата на заостанатиот долг.

Блокадите ќе останат на постојните места сè додека не се седне на маса и не се најде решение согласно законот и одлуката на Град Скопје, изјави денеска директорот на Здружението на приватни превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој прстот за вината околу настанатата ситуација повторно го впери во градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

„Она што го имаме како информација од координативното тело на приватните превозници е дека блокадите ќе останат додека не се седне на маса и не се најде решение согласно законот“, изјави Јовановски.

Одговорноста за хаосот во градскиот превоз Владата ја префрла на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Ковачевски вели-актуелниот градоначалник Арсовска е нивно кадровско решение. Според Ковачевски, решението на проблемот е во надлежност на мнозинството во градската власт која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

Јавниот превоз крахира, скопјани се нервозни, а причината за тоа е тендер коалицијата меѓу Арсовска и Ковачевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ.