Берлинскиот процес- инструмент за приближување кон ЕУ
Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во Европската Унија, туку инструмент за побрзо приклучување на сите шест држави од Западниот Балкан во ЕУ-истакна претседателот Стево Пендаровски. Конференција за иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа…

Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во Европската Унија, туку инструмент за побрзо приклучување на сите шест држави од Западниот Балкан во ЕУ, истакна претседателот Стево Пендаровски. Тој потенцираше дека најавената поддршка од една милијарда евра за справување со енергетската кризата е израз на европската солидарност и чекор кон враќање на довербата кај граѓани во вредностите на европската интеграција, бидејќи, како што рече, изгубените години во чекалната на ЕУ го зголемија евроскептицизмот.
„Регионалните иницијативи од овој тип, заради своите референтни точки од минатото и заради најновите планови кои беа презентирани пред неполни два месеци, потврдуваат дека тоа е најбрзиот начин да ги собереме сите шест држави од Западниот Балкан зад истата кауза – што побрза интеграција во Европската Унија“, нагласи претседателот Пендаровски.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ, нагласи дека најбрзо до членство во ЕУ ќе се дојде само доколку има јасен израз на политичка волја за силни реформи без импровизации од страна на земјите од Западен Балкан, но и јасна политичка волја и од страна на државите-членки на Унијата. Проектирана цел, членство до 2030-та година е остварливо, вели тој, ако се земат предвид и иницијативите кои произлегуваат од разни студии за таканаречено фазно пристапување.
Специјалниот претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин ги потенцираше придобивките од обновениот Берлински процес, особено во делот на зајакнати економски врски.
Во вторник во Тирана се одржува самитот ЕУ-Западен Балкан.
Марина Стојанова-Тонева
