Сообраќајен хаос

Меѓусебни обвинувања за блокадите во Скопје

05.12.2022 14:31

Приватните превозници на протест, автобусите на крстосниците, граѓаните заглавени на сообраќајниците. Блокадите остануваат до заедничко решение со градските власти за исплата на долгот. Владата одговорноста за хаосот ја префрлува на ВМРО- ДПМНЕ и Мицкоски. Од опозициската партија обвинуваат за тендер- коалиција Арсовска- Ковачевски...

Метеж и нервоза по скопските улици. Граѓаните кои беа со возила тешко успеаја да се пробијат низ сообраќајниот хаос. Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ со околу 200 автобуси се паркираа на крстосниците кај Црвен Крст, „Мавровка“ и на Илинденска.

Превозниците порачаа дека протестите нема да престанат, туку напротив, ќе се радикализираат затоа што многу луѓе се оставени без работа и без парче леб. Очекуваат сите институции да се вклучат во решавање на проблемот.

Одговорноста за хаосот во градскиот превоз Владата ја префрла на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Ковачевски вели актуелниот градоначалник Арсовска е нивно кадровско решение. Според него решението на проблемот е во надлежност на мнозинството во градската власт која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО – ДПМНЕ велат-јавниот превоз крахира, скопјани се нервозни, а причината за тоа е тендер коалицијата Арсовска со Ковачевски.

Предходно градоначалничката Арсовска не ги прими на средба превозниците по што се одлучија на ваков протест.

Градоначалничката Арсовска по раскинувањето на договорот со „Макекспрес“ минатата недела го раскина и договорот со „Слобода превоз“. Таа најави дека во текот на оваа недела ќе има јавен повик на којшто ќе може да се пријават сите приватни превозници.

Ана Ј. Тодоровска