Спасовски: Тешко е да се обезбедат сите докази за дојавите за бомби
Кривична пријава за сторено дело тероризам заработи малолетник од Скопје. Инспириран од претходните случаи, од неговиот компјутер креирал електронска адреса, сопственост на неговата мајка, и испратил заканувачки пораки за поставени бомби во четири скопски училишта. Го признал стореното дело, велат од МВР. Тешко е да се обезбедат сите докази, бидејќи домените се од други држави, вели министерот Спасовски…

МВР откри еден од дојавувачите за поставена бомба во скопските уличишта. Станува збор за малолетник којшто инспириран од претходните случаи на дојави за поставени бомби, си ја пробал среќата и тој да направи сличен акт, велат од МВР. Поднесена е пријава против него за кривично дело тероризам до скопското Јавно обвинителство.
Сторителот од 26-ти октомври до 2-ри ноември, на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер за криптирање и заштита на комуникацијата, по што од неговиот компјутер креирал електронска адреса и испратил заканувачка пријава за поставени бомби во четири средни училишта во Скопје.
МВР на 4-ти ноември од операторот добил информација дека сопственик на електронската адреса е 43-годишна скопјанка, мајка на малолетникот. Полицијата извршила разговор со сторителот каде го признал стореното дело.
„Многу е тешко да се обезбедат сите докази, бидејќи ова претставува национален криминал. По добивање на какви било информации веднаш е стапено во контакт со надлежни служби со цел да се обезбедат докази и да може да се прекине овој процес“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
МВР сè уште трага по сторителите за дојави за поставени бомби во останатите случаи на поставени бомби во средни и основни училишта во Скопје.
Ирина Гелевска
