Петровска – Ларсон Џеин: Со Шведска во НАТО, евроатлантската област ќе биде побезбедна
Министерката Петровска на средбата со амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џеин, потенцираше дека Северна Македонија целосно го поддржува полноправното членство на Шведска во НАТО, што е потврдено и преку веќе ратификуваниот пристапен протокол за членство на оваа нордиска земја во Алијансата. Петровска порача дека сега е моментот двете земји да работат на интензивирање на билатералната одбранбена соработка, наскоро и како две земји – сојузнички во НАТО...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со амбасадорката на Кралството Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин, со која разговараше за зацврстувањето на стабилноста и безбедноста во евроатлантската област и зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата.
Министерката Петровска на средбата потенцираше дека Северна Македонија целосно го поддржува полноправното членство на Шведска во НАТО, што е потврдено и преку веќе ратификуваниот пристапен протокол за членство на оваа нордиска земја во Алијансата.
„Собранието на Република Северна Македонија на 27 јули го ратификуваше пристапниот протокол за членство на Шведска и Финска во НАТО. Тоа е решителен чекор кој ќе ја зацврсти безбедноста на двете земји и на евроатлантската област. Со Шведска во НАТО, Алијансата е посилна, а граѓаните во земјите – членки се побезбедни“, рече министерката.
Петровска порача дека сега е моментот двете земји да работат на интензивирање на билатералната одбранбена соработка, наскоро и како две земји – сојузнички во НАТО.
Петровска и Ларсон Џеин се согласија дека двете држави се на иста линија во однос на поддршката на Украина и нејзиното право на самоодбрана.
Министерката се осврна и на потребата од забрзување на евро-интегративниот процес за Северна Македонија и се заблагодари за континуираната шведска поддршка на патот на полноправно членство на Северна Македонија во Унијата.
Амбасадорката Ларсон Џеин изрази благодарност за брзата и ефикасна ратификација на пристапниот протокол и порача дека постои исклучително голем потенцијал за развој на одбранбената соработка помеѓу двете земји.
