Енергетска криза

Бектеши: Не се очекува поскапување во првите два блока

05.12.2022 15:56

Од 1-ви јануари ќе се зголеми ДДВ-то за струјата. Но, надлежните уверуваат дека ги преземаат сите мерки за да нема зголемување на цената за домаќинствата, особено за оние кои се во првите два блока. Но, некои трошеле дури повеќе од фирми. Наскоро ќе се знае која цена ќе ја понуди ЕСМ кон универзалниот снабдувач. Гас за месецов има, на крај на декември ќе се бара за периодот до април...

Не се очекува зголемување на цената на струјата од 1-ви јануари за граѓаните кои се во првиот и во вториот тарифен блок. Министерот за економија, Бектеши, вели дека кога ќе носат одлука, која цена ќе ја понуди ЕСМ, во прв план ќе го имаат интересот на граѓаните. Но, покрај оние кои штедат електрична енергија, има домаќинства кои трошеле повеќе и од фирми. Засега, не се планира промена на блоковите кај домаќинства.

„Не е во ред во време на криза, одредени домаќинства со повисоки приходи да имаат иста цена со граѓаните кои имаат просечни приходи. Одредени домаќинства во земјава трошеле повеќе од одредени компании и тоа големи. Зборуваме за над 30-40 мегавати месечно, што значи, тие домаќинства ќе плаќаат согласни пазарните услови, а зошто да не и дополнително со маржа од страна на ЕВН Хоум и ЕСМ“, рече Бектеши.

Граѓаните да бидат спокојни – и електрична и топлинска енергија ќе има до крајот на грејната сезона, уверуваат надлежните. Од ЕСМ велат дека обезбеден е гас за декември за топланите, а склучен е и договор со ТЕ-ТО за набавка по регулирана цена. На крајот на месецов, ќе има повик за гас во периодот јануари – април.

Министерот Бектеши повика да не се верува на дезинформации во врска со недостатокот на топлинска енергија. Рече дека поради тоа, граѓаните се доведуваат во ситуација да бараат алтернативни решенија кои ќе им донесат дополнителни трошоци за греење во домаќинствата.

Александра Спировска